Универзитетот „Кирил и Методиј“ меѓу најлошите во светот – и оваа година загуби 20 позиции
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e рангиран на 1.964 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2022/2023 година според новото рангирање кое го објави Центарот за рангирање на светски универзитети, пишува Радио МОФ.
Најголемиот македонски универзитет во споредба со минатата година забележа пад од 20 места на оваа листа која ги оценува академските перформанси на универзитетите ширум светот, пренесуваат од Радио МОФ.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата со 65,9 бодови од вкупно 100. Во споредба со рангирањето за академската 2019-2020 година, каде УКИМ имаше најдобар резултат последниве години и беше 1.816-ти на листата, Универзитетот има назадувано за 148 позиции, додаваат од радиото.
Од регионот Грција има најголем број универзитети во најдобрите 2.000 – вкупно 12. Србија и Хрватска имаат по четири универзитети на листата, Словенија три, додека Бугарија има два.
УКИМ е далеку зад најголемите универзитети од земјите во окружувањето, но се наоѓа и зад дел од високообразовните институции од помалите градови низ поранешна Југославија. Универзитетот во Риека, на пример, е 1549-ти во светот, Универзитетот во Крагуевац (1622), Универзитетот во Ниш (1635) или пак Универзитетот во Осиек кој е 16 места подобро пласиран (1948 место).