Утрински грешки: Пет навики кои ни ја „крадат“ енергија за денот
Правилната утринска рутина ќе влијае на вашата продуктивност во текот на денот. Ќе бидете поорганизирани, попродуктивни, а задачите ќе ги завршувате со многу поголем ентузијазам.
Експертите открија некои од најчестите утрински грешки и начини на кои можете да ги поправите:
1. Одложување на алармот
Многу луѓе го одложуваат алармот наутро и се обидуваат да поспијат уште малку. Меѓутоа, тие последни неколку минути спиење всушност не ви помагаат, иако тоа може да изгледа така. Ако сакате малку дополнително време наутро, подобра идеја би била да го поставите алармот 15 минути подоцна и да станувате веднаш штом ќе се вклучи, отколку да го одложувате, вели Никет Сонпал од Медицинскиот факултет Туро во Њујорк.
2. Посегнување по телефонот веднаш штом ќе се разбудите
Ако проверувањето на мејлот, прелистувањето на социјалните мрежи или „скенирањето“ на дневните наслови е првото нешто што го правите наутро, дозволувате работите кои се надвор од ваша контрола да ги „киднапираат“ вашите први мисли и чувства, рече Наоми Парела, лекарка од примарната здравствена заштита.
Во ред е ако веднаш посегнете по телефонот наутро бидејќи алармот ви ѕвони, но не е добро ако го користите за веднаш да се поврзете со надворешниот свет.
Наместо тоа, земете длабок здив. Направете неколку вежби за истегнување. Поздравете се со партнерот или со децата. Напијте се малку вода.
3. Посегнување по шеќер рано наутро
Експертите предупредуваат дека појадокот е најпроблематичниот оброк во денот кога станува збор за додаден шеќер, благодарение на вообичаените понуди како засладено кафе и чај, житарки, сирупи, смути, јогурт и така натаму. Колку повеќе шеќер можете да исклучите од утринската рутина, толку подобро, вели Парела.
– Ако сакате да го започнете денот силно и цврсто, навистина е корисно ако можете целосно да го исклучите шеќерот. Сепак, шеќерот не е толкав непријател, само се препорачува паметно да одберете кога да уживате во него – додаде таа.
4. Неправилно чистење на лицето
Во текот на ноќта, вашата кожа може да ги собере нечистотиите како што се мртви клетки од кожата кои се собираат на вашата навлака за перница или прашината што може да циркулира во вашата спална. Сепак, некои дерматолози истакнуваат дека не е неопходно наутро да го миете лицето со производи ако оваа темелна задача сте ја завршиле претходната вечер. Повторената употреба на сапуни или средства за чистење може да ја исуши кожата. Треба да обрнете внимание на температурата на водата.
– Иако можеби е примамливо да го измиете лицето со многу ладна вода за да ве разбуди, температурата на водата не треба да биде екстремна. Измијте се со млака вода – советува дерматолог Стејси Чименто.
5. Занемарување на менталното здравје
Утрата може да бидат тешки. Меѓутоа, ако не го започнете денот правилно, може да ги поминете следните неколку часа борејќи се со вашето лошо расположение. Затоа, најдете малку време за себе наутро, советува Сонпал.
– Стратегиите што ги користите може да бидат многу едноставни. Отворете ги ролетните каде и да можете во вашиот дом за да влезе природна светлина. Потоа најдете неколку моменти за медитација, напишете дневник за благодарност или едноставно разговарајте со саканата личност – вели Сонпал, а пренесува Huff Post.