САМО ЗА ЕДНА ГОДИНА ДОДЕЛЕНИ СТАНБЕНИ КРЕДИТИ ОД 154 МИЛИОНИ ЕВРА – становите станаа инвестиција, а не место за живеење
За една година граѓаните во земјава се задолжиле за дури 154 милиони евра само по основ на станбени кредити. Или, за толку пораснале доделените станбени заеми во март годинава во однос на март минатата година.
За еден месец, пак, односно само во март, станбените кредити се зголемени за над 16 милиони евра.
Ова го покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, за доделените кредити на граѓаните.
Според бројките на централната банка, во март годинава домаќинствата во земјава по основ на станбени кредити им должеле на банките 1,128 милијарди евра, што е раст за 16,1 милиони евра во однос на 1,112 милијарди евра колку што изнесувала задолженоста во февруари.
Во март минатата година, пак, вкупно доделените станбени кредити биле под една милијарда евра и изнесувале 974 милијарди евра. Па така, ако сега сумата на одобрени станбени кредити е 1,128 милијарди евра, тоа значи дека за една година имаме раст на станбеното кредитирање за 154 милиони евра.
Сето ова се врзува во контекст со енормиот интерес и побарувачка за клупување на станови, особенои во главниот град на државава.
Тоа, пак, доведе до енормен раст на цената на становите, па така, градежните компании кои се занимаваат со изградба на станови, дури и за понеатрактивните локации во Скопје, бараат цени по 1.400 евра за квадрат, за станови за кои сеуште не е ни започната изградбата, а за плаќањето е наведено дека треба да се врши однапред.
За поелитните дестинации, пак, во централното градско подрачје, цените се движат од 1.750 евра па се до 2.000 евра по метар квадратен, без навестување засега дека тој тренд има шанси да сопре во скоро време.
Сепак, дел од експертите со кои разговараше Фактор се сомневаат дека овие цени се надувани, и дека оваа тенденција на поскапување на становите ќе мора да застане во даден момент, па дури и цените на становите да почнат да паѓаат. А, како аргумент плус се користи фактот дека во Скопје има огромен број на празни станови, што значи дека граѓаните нив веќе не ги купуваат како место за живеење, туку како еден вид на инвестиција.
Во прилог на заклучокот дека становите станаа еден вид инвестиција говори и фактот што, исто така според податоците на НБМ, само во март годинава граѓаните повлекле од банките 117,5 милиони евра од денарските заштеди.
Ако се гледаат податоците, ќе се забалежи дека само 28,4 милиони евра се вратиле како заштеди во странска валута во банките, што значи дека тие се конвертирани влогови од денари во евра, па остануваат дури 90 милиони евра кои излегле од банкарскиот сектор само во март.
Тие пари, велат познавачите, не завршиле под перница, туку завршиле како некаква инвестиција, а многу е веројатно дека тоа се станови.
Инаку, неодамна НБМ ја зголеми основната камата на 1,5 отсто, па се очекува и банките да ги зголемат своите каматни стапки за кредитите, веројатно и за станбеното кредитирање.