Најмалку посетени земји во Европа
Според истражувањето на компанијата „Ривиера Травел“, базирано на податоци од Евростат за 2023 година, Луксембург е најмалку посетената земја во Европа, со само 3,4 милиони туристички ноќевања. За споредба, Шпанија во истиот период забележала 484,9 милиони ноќевања.
На второ место се наоѓа Летонија со 4,3 милиони ноќевања, а на трето место е Естонија со 6,3 милиони ноќевања. Овие балтички земји нудат богата историја и недопрена природа, но сè уште не се меѓу главните туристички дестинации во Европа.
Интересно е што Србија се наоѓа на петтото место на оваа листа, додека Словенија е на седмото место.
Според податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, во првите десет месеци од 2023 година, земјата остварила 2,9 милиони ноќевања, со проекција до крајот на годината да достигне 3,2 милиони ноќевања.
Ова ја позиционира Македонија меѓу најмалку посетените земји во Европа, заедно со Луксембург, Летонија и Естонија.
Стручњаците предвидуваат дека до 2050 година, сè повеќе патници ќе избегнуваат пренатрупани градови како Барселона, избирајќи помирни и поавтентични дестинации. Ова значи дека земјите кои сега се помалку популарни, како Македонија, би можеле да доживеат туристички процут во иднина.
Доколку сакате да ја истражите Европа на уникатен начин, посетете некоја од овие скриени дестинации пред да станат туристички хит!