Макрон во обраќањето до јавноста: Ќе именувам нов премиер во следните денови, останувам на функцијата претседател
Нов премиер на Франција ќе биде именуван во следните денови, порача претседателот на земјата Емануел Макрон во обраќањето до Французите по падот на владата.
„Тој ќе мора да ги обедини сите сили во парламентот“, кажа Макрон.
Макрон истакна дека планира да го заврши целиот мандат како претседател, што значи дека останува на власт до 2027 година.
„Мандатот кој ми го дадовте е пет години и ќе го извршувам до крај“, кажа францускиот претседател.
Премиерот Мишел Барние денес поднесе оставка, а Макрон ја прифати. Во средата парламентот со мнозинство гласови ѝ изгласа недоверба на владата, приморувајќи ја да поднесе оставка.