Службените возила на институциите ќе добијат црвени таблици со жолти букви
Службените возила на Владата, министерствата и државните институции ќе добијат нов лик се со цел да се спречат злоупотреби како што имаше во минатото. Според директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски тие ќе бидат изработени во црвена боја како позадина, додека бројките и буквите ќе бидат жолти, за да бидат лесно препознатливи. Директорот вели дека новиот правилник за регистарски таблици е веќе изготвен и следната недела ќе биде разгледан на владина седница.
„Министерството за внатрешни работи е задолжено да спроведе постапка за набавка на таблици со црвена боја, по што ќе започне процесот на замена. По завршувањето на тендерот, сите институции ќе имаат рок од 30 дена за да ги променат табличките. Ова ќе овозможи спречување на злоупотреби, односно службените возила нема да може да се користат за приватни и за партиски цели“, изјави Томовски.
Тој најави и отворање на телефонска линија за пријавување случаи каде што службени возила се користат за недозволени цели.