Синер ќе ја брани титулата во Мелбурн
Тенисерот број еден во светот Јаник Синер ќе ја брани титулата на Австралија Опен, како што стојат работите во моментов. Судот за спортска арбитража (CAS) го објави својот работен календар до 11 февруари следната година, а случајот на Синер го нема на тој список.
Да потсетиме, пред два месеци, Светската антидопинг агенција (ВАДА) поднесе жалба на одлуката на Агенцијата за интегритет на тенис (ITIA), со оглед на тоа што Синер беше лесно казнет за два позитивни допинг тестови во март (одземање на АТП поени и парична заработка од Индијан Велс).
Италијанецот беше позитивен на допинг-тестот на Мастерсот во Индијан Велс каде загуби во полуфиналето од Карлос Алкараз и поради ова ВАДА бара негова суспензија од една до две години.
Сепак, се чини дека засега нема ништо од тоа и останува да видиме кога неговиот случај ќе се најде на дневен ред. Синер оваа година доминираше во светскиот тенис и ја заврши сезоната како неприкосновен играч број еден во светот. Освои два Грен слем турнири, Австралија Опен и УС Опен (Ролан Гарос и Вимблдон ги освои Алкараз), завршниот Мастерс во Торино, а сето тоа го зачини со одбрана на титулата во Дејвис купот со италијанскиот тим.