ОФИЦИЈАЛНО: Шпанецот Родри е освојувач на „Златната топка“!
Она што беше најавувано во текот на вчерашниот и денешниот ден, конечно доби и официјална потврда. Шпанецот Родри е официјално најдобар фудбалер на светот за изминатата година и тој за првпат во кариерата ја добива најпрестижната индивидуална награда, „Златната топка“, која ја доделува францускиот „Франс Фудбал“.
„Моторот“ на Манчестер Сити и на шпанската репрезентација сосема заслужено го добива трофејот, а зад себе остави спектакуларна сезона во која триумфираше во англиската Премиер лига, но воедно беше и главен предводник на „фуријата“ кон титулата на Европското првенство.
„Ќе ве поздравам на англиски јазик, но би сакал да продолжам на шпански поради почитта за мојата земја. Ви благодарам на сите, ова е навистина специјален момент за мене. Среќен сум што покрај мене е моето семејство и моите најблиски. Ова се мигови од животот каде понекогаш ви недостасуваат зборови, но се обидов да срочам текст кој би сакал да го споделам.
Играм за најдобриот клуб на светот и за најдобрата репрезентација на светот. Би сакал да се заблагодарам на сите мои конкуренти во оваа трка, а специјален поздрав и до мојот соиграч од националниот тим, Дани Карвахал, кој исто така минува низ тешка повреда како мојата. Минатата сезона и ова лето беа навистина неверојатни, би сакал овие успеси да траат уште долго време.
Почит за сите добитници, но и за сите легенди на шпанскиот фудбал кои во минатото беа близу до ова признание, но не го освоија. Добивав инспирација од сите нив и сонував да заиграм во најдобрите натпреварувања, меѓу кои се Примера, Лигата на шампионите и Премиер лигата. Јас сум дете од скромно семејство и напорно работев за да стигнам до тука. Трудот се исплатеше, ви благодарам на сите“, заклучи Родри.
Во дресот на Сити забележа учинок од 10 гола и 14 асистенции, а во текот на месец јуни беше главната алка во тимот на Луис Де Ла Фуенте, кој создаде исклучително силна Шпанија, репрезентација која ги „мачкаше“ ривалите на континенталниот собир. Родри на сите мечеви беше клучен играч, заедно со младиот Ламин Јамал, па затоа беше избран и за најдобар фудбалер на турнирот. На церемонијата Шпанецот дојде на патерици поради тешката повреда на лигаментите, поради која за него новата сезона е веќе завршена. Aaa
Од трката во последен момент „испадна„ Бразилецот Винициус Жуниор, за кого првично беше најавено дека ќе го освои трофејот, но ѕвездата на Реал Мадридостана со празни раце и воопшто не допатува на церемонијата во Париз.