Наставниците и професорите ќе добијат покачување од 5 проценти со октомвриската плата
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, најави зголемување на платите на вработените во основното и средното образование за пет проценти, кое ќе стапи на сила од октомвриската плата.
Неделков изрази задоволство што е постигнат договор за континуиран раст на платите во наредните четири години.
Тој рече дека целта е наставниците и професорите да добијат плата на ниво на просечната или нешто над просечната плата во земјата.
Ова, според него, претставува значаен успех во преговорите и социјалниот дијалог.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека по неколку неделни преговори и анализи на буџетот, бил постигнат долгорочен договор кој е во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците.
Мицкоски додаде дека ова зголемување е важен чекор за унапредување на условите за работа и мотивација на вработените во образованието.