Зошто попладневната дремка е многу важна и имаме потребна сите?
Голем дел од популацијата го користи своето попладне за кратка попладневна дремка. Но, сепак постојат и оние кои или не можат да спијат попладне или пак сметаат дека попладневната дремка е луксуз кој не можат да си го дозволат во својот напорен распоред. Сепак, доколку сте меѓу оние кои редовно ја практикуваат ваквата навика, треба да продолжите со тоа бидејќи многу истражувања покажуваат дека попладневната дремка нуди многу бенефити за нашето расположение и здравје.
Според истражувањата, дури и кратката дремка од 15-20 минути може да придонесе за подобрување на свесноста и продуктивноста. Според истражувањето спроведено од универзитетот Колорадо, децата кои не спиеле попладне не покажувале исто ниво на разиграност и интерес, имале повисоко ниво на нервоза за разлика од децата кои спиеле редовно. Истото се однесува и за возрасните. Истражувачите на универзитетот Беркли истакнуваат дека редовното попладневно спиење кај возрасните придонесува за подобра способност за учење и памтење.
Но, зошто е толку важна дремката? Таа му овозможува рестарт на мозокот, со што краткотрајната меморија „се чисти“ и мозокот се одмора од сите обврски и одговорности кои ги имаме во текот на денот.
Според истражувачите, 10-20 минути се доволни за да се освежи мозокот и да се зголеми енергијата и свесноста. При кратките дремки, спиењето не е длабоко како кај оние кои траат подолго и кои некогаш предизвикуваат проблемји по будењето. Затоа и експертите не препорачуваат попладневно спиење кое е подолго од 45 минути.
Сепак, за оние луѓе кои не спијат добро во текот на ноќта, експертите препорачуваат 60 минутно спиење кое ја подобрува нивната емоционална состојба и ја намалува нервозата која кај нив е предизвикана од недостаток од сон.
Да заклучиме, дремките се одлични за нашето физичко и емоционално здравје, а за нивната должина треба самите да одлучиме што ни одговара.