Започна Галичката свадба
Годинашното издание на најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас се одржиува викендов, од 12 до 14 јули, во живописниот Галичник. Неколку илјади домашни посетители и странски туристи уживаат во атрактивното доживување што го нуди овој единствен настан од ваков вид.
– Сликовитите падини на планината Бистра и импресивниот Галичник повторно се сцена со уникатните свадбарски обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за овој дел од нашата земја. Посебното внимание на љубопитните посетители е свртено кон галичката невеста Стефана Димитрова, која по потекло е од Галичник, и кон младоженецот Даријан Кочоски, кои судбоносното „да“ ќе го кажат денеска. Годинашната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а и двајцата млади и досега биле учесници на „Галичка свадба.“ – велат организаторите.
Манифестацијата секоја година ги промовира уникатните свадбарски обичаи и ритуали, колоритот на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за галичкиот регион.