До 12 февруари регистрациите мора да се сменат со „NMK“, налепниците ќе чинат од 30 до 50 денари
Министерството за внатрешни работи во декември минатата година склучи договор за набавка на нови регистерски таблици и на налепници за регистрациите на кои ознаката „МК“ ќе се замени со „NМК“.
Договорот е склучен со фирмата „Квантум дооел Скопје“, а производител на табличките е германската фирма „ЕХА Хофман“.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.
Согласно решението за изменување и дополнување на решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи, објавено во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 2 од 03.01.2024, цените на налепниците ќе се движат од 30 до 50 денари, се вели во одговорот од МВР.
Граѓаните најдоцна до 12 февруари треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „NМК“ наместо досегашната „МК“, обврска која произлегува од Преспанскиот договор.