Тутунарите и натаму го бојкотираат откупот на тутунот или откупувачите не им го купуваат?
Продолжува бојкотот на откупот на тутун. Тутунопроизводителите велат дека остануваат на барањето за покачување на цените и не прифаќаат пониска цена од 600 денари за килограм тутун.
На почетокот на месецов од Националната земјоделска мрежа испратиле допис до ресорното Министерство, во кое бараат итна средба со откупните фирми под медијаторство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а целта е да се договорат за промена на откупните цени во нагорна линија и откупот конечно да започне, но одговор до денес сè уште не добиле, тврди претседателот Ѓорѓи Каракашев.
Што ќе преземе надлежното министерство за да се надмине оваа ситуација, но и дали планираат да го прифатат барањето на Националната земјоделска мрежа и кој е нивниот став околу сето ова, ТВ 24 побара одговори на овие прашања од ресорното министерство, но до објавување на прилогот одговор не добивме.
А деновиве во јавноста кружат информации и дека откупните фирми не го откупувале тутунот, иако дел од тутунарите сакале да го предадат и по ланските цени. Повеќе здруженија на тутунари запрашаа зошто нема реакции ниту од Државниот земјоделски инспекторат, ниту пак од ресорното министерство. ТВ 24 го контактираше и Државниот земјоделски инспекторат, од каде во краток телефонски разговор ни посочија дека досега кај нив немало пријавено никакви неправилности, иако тие биле постојано достапни на терен.
Како и да е, факт е дека законскиот рок за почеток на откуп на тутунот е пробиен и до кога ќе продолжи ваквата ситуација засега никој не знае, но загубите од истата ќе бидат големи како за тутунопроизводителите, така и за откупувачите, но и за државата.