Штрајкот на синдикатот на ДИЦ ќе влијае на стручниот испит за наставници и соработници, загрозена е и државната матура
Седумстотини приправници, наставници и стручни соработници нема да можат да го полагаат стручниот испит поради продолжување на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ), а нема да се одржуваат ни обуки за директори. Штрајкот на вработените ќе влијае и на државната матура, бидејќи од 1 јануари треба да започнат процедурите за пријавување и внесување на предмети што треба да ги полагаат учениците, но ќе се доставуваат и прашањата за матура, а координаторите на ДИЦ нема да ги прифаќаат.
На прес-конференција на Синдикатот на ДИЦ, претседателката Емилија Бошковска изјави дека во последните седум месеци се обидувале преку индиректни преговори со Министерството за финансии и Министерството за образование и наука како посредник, да се изборат за своите права, но сите барања им биле одбиени. Според Бошковска, Министерството за финансии се повикува на Законот за административни службеници, кој сè уште не е изгласан и како што вели таа, им било ветено дека кога ќе биде донесен законот, вработените во ДИЦ ќе бидат дел од него.
Барањата на ДИЦ, како што појасни таа, остануваат исти.
– Нашите барања беа да имаме минимум колку што има наставник ментор. Значи наставник ментор е како кариерен развој кај наставниците и она што го имаме доставено како допис и до МФ и до МОН, е извештај добиен од Светска банка којшто кажува дека ДИЦ е клучна институција во којашто е зголемен обемот на работа и тоа се околу 40 проценти, а намален е бројот на вработени за околу 50 отсто. исто така, нема да може да се пополнат тие места сè додека платата на советниците кои се во ДИЦ е помала од онаа на наставниците. Следните вработувања треба да произлезат од редот на најискусните и најдобрите наставници, а тие имаат сега поголема плата од нас. Тука се наруши нешто што отсекогаш било некоја пракса.
Сега сме институција која нема правник и упорно добиваме одбивања за вработувања на правник. Тоа што немаме правник во случајов како синдикат не нè интересира, но не интересира како вработени кои не можат да ги тераат тековните работи во институцијата – вели Бошковска.