Легализацијата на дивоградбите продолжува, но за многу поскапо
Измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка влегоа во Собранието, со што продолжува легализацијата на дивоградбите, но наместо како претходно за едно веро по метар квадратен, тоа ќе може да се направи со плаќање на основната комуналија, која ќе биде поскапа за 50, односно 100 отсто.
Државата нема прецизна статистика колкав е бројот на дивоградби во државата. Главен аргумент е дека и по истекот на стариот закон, масовно се градело на диво, а уривањето многу ќе ги чини општините. Според надлежните, во Македонија има околу 50.000 дивоградби, чиј статус мора да се регулира.
Легализацијата ќе важи за дивоградбите кои биле подигнати до 31 декември 2022. За оние до 80 метри квадратни, ќе се плаќа редовна комуналија плус 50 отсто, а за поголемите ќе се наплаќа за 100 отсто повисок комунален трошок. Рокот за легализација се продолжува до 31 декември 2024. Штом се изгласа овој закон, се запираат старите управни и судски постапки.
„Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи согласно со правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и за електронските комуникациски мрежи и средства се пресметува врз основа на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овие објекти, и тоа за делот од површината на бесправниот објект до 80 м2 се зголемува за 50%, а за делот од површината на бесправниот објект над 80 м2 се зголемува за 100% и се множи со површината на бесправниот објект која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект“, запишано е во еден од членовите кои носат измена.
Претходно министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во декември 2021 претстави една верзија на предлог-закон за добивање правен статус на бесправно изградени објекти, но актот по редовна постапка не беше донесен.
Еден предлог претходно истата година доби вето од страна на претседателот Стево Пендаровски и Владата го повлече. Претставници на стручната фела, членовите на Државната комисија за спречување на корупција, невладините организации, архитекти и правни експерти побараа предлог-законот за легализација на бесправно изградените објекти да се повлече, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се пристапи кон изработка на соодветно законско решение.