Актуелно

Според ПИСА тестот, македонските средношколци се на 71. место по писменост од вкупно 81 држава

Резултатите од ПИСА тестирањето, спроведено во 2022 година покажуваат дека македонските средношколци се на 61. место според резултатите по математика, а на 71. место по јазична писменост од вкупно 81 држава. Учениците постигнаа 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68. место во Европа, соопшти Министерството за образование и наука.

Резултатите денеска ги објави Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД).

Фото: МИА

Како што велат од Министерството, негативните последици од ковид-пандемијата врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија спроведена во 2022 година. Според Министерството, резултатите покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст во речиси сите држави учеснички.

– Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа – велат од МОН.

На претходното ПИСА тестирање, кое се спроведе во 2018 година, македонските средношклолци беа рангирани на 67-мо место од 77 држави учеснички во читање со разбирање и математика и 63-то место по природни науки.

Министерство за образование и наука – табла / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми.

Ова е четврто учество на Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно државата беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.

slobodenpecat.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons