ДЗСИ: Нема бактерија во шесте училиштата во Карпош
Државниот здравствен и санитарен инспекторат информира дека резултатите од мострите земени од шест училишта на подрачјето на општина Карпош, каде 12 деца беа затруени од салмонела се негативни и не е пронајдена бактеријата. Тие соопштија дека согласно надлежностите, повторно ќе ги отворат кујните во училиштата.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Рената Младеновска денеска информираше дека во текот на вчерашниот ден биле добиени резултатите од Институтот за јавно здравје Скопје и од Центарот за јавно здравје Скопје, бидејќи мострите храна и брисевите од работни површини биле земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи.
Клуч на врата за училишните кујни во Карпош: 9 деца заразени со салмонела
На прашањето каде сега треба да се бара изворот на салмонела, Младеновска рече дека известување треба да даде и Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Сметам дека Агенцијата за храна и ветеринарство исто така има голема улога во оваа состојба што се случи, за жал, заразна болест салмонела и тоа кај најранливата категорија на деца. Сметам дека тие во своите надлежности што ги имаат, ќе треба да дадат свое известување, за соодветно да се информира јавноста, рече Младеновска.
Откако беа пријавени 12 случаи на салмонела, Државниот здравствен здравствен и санитарен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзорзаедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје и Институт за јавно здравје Скопје. За време на надзорот, беа земени мостри храна за анализа и беа земени брисеви од работни површини и брисеви од жива и нежива средина. Од страна на Инспекторатот, сите кујни во основните училишта, беа затворени.