Актуелно

УКИНУВАЊЕТО НА МАСКИТЕ ЗА НЕКОИ РАДОСТ, ДРУГИ НЕМА ВЕДНАШ ДА ГИ ОСТАВАТ ДОМА: Матичните лекари советуваат-постарите и хронично болните да си ги носат 

Откако вчера Комисијата за заразни болести препорача укинување на носењто маски во затворен простор, граѓаните имаат поделени мислења. Некои од нив со радост ја пречекаа веста, иако знаат дека за да ги симнат маските пред се на работните места, а потоа и во моловите, театрите, кината, продавниците и така натаму, ќе мора да ја почекаат и одлуката на Владата.

-Да, дефинитивно крајно време е да ги симнеме маските. Верувам дека здравствените власти добро ја проценуваат епидемиолошката состојба во земјава кога станува збор за корона вирусот, и навистина доста ни е веќе носење маски. Оние кои сметаат дека се ранливи, подложни на инфекции, лесно се разболуваат, нека си ги носат. Здравите, младите луѓе, со посилен имунитет не мора да имаат маска. Не е доборо да се живее со години под „стаклено ѕвоно“. Во последниот период се разболеа токму оние кои најмногу се пазеа. Организмот мора да научи да ги препознава инфекциите и да се бори, вели Илија С. од Скопје, професор по физичко образование.

Но, од друга страна пак, има луѓе кои велат дека веднаш не би ги оставиле маските дома. Во затворени простори, како што посочуваат, онаму каде што има циркулација на многу луѓе, ќе продолжат да си ги носта маските.

-Го слушнав предлогот, односно препораката што ја соопшти д-р Петличковски, но јас секако ќе бидам од оние кои „по желба“ ќе ја носат маската, особено онаму каде што навистина има многу луѓе. Не ми е баш сеедно веднаш да се откажам од неа. Последниве две години научивме дека мора да се штитиме, а од сите можни антиковид мерки, маската и растојанието навистина беа најефикасни. Можеби бројот на заболени од ковид-19 ќе беше три пати поголем, здравствените власти да не воведуваа рестриктивни мерки. Инаку, болеста ја прележав уште пред да стигнат вакцините, не беше најлесно морам да признаам, особено преголем беше стравот, но за среќа немав потешки компликации и не завршив во болница. Во текот на летото ги примив првите две дози од вакцината против корона вирусот, а во декември ставив и бустер. Се надевам дека нема да се заразам со некој нов сој, вели Маја Т. од Скопје.

Исклучок од препораката која се однесува на укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор се здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, што значи дека на овие места граѓаните и понатаму ќе мора да ги носат маските. Освен тоа, во разговор за Фактор, матичните лекари велат дека ќе ги советуваат нивните повозрасни пациенти, како и пациентите кои имаат хронични заболувања да си ја носат заштитната маска во секако затворен простор.

-Пандемијата се уште не е завршена. Во многу држави гледаме повторно зголемување на бројот на новозаразени. Точно е дека мерките секаде се олабавуваат и тоа е навистина добро, но, јас како лекар кој имаше премногу заразени пациенти, дел од нив за жал и не успејаа да се изборат со ковид-19, како и во изминатот период, така и понатаму, ќе ги советувам особено постарите и оние кои имаат други здравствени состојби да си ги носат маските посебно на места каде што има голем број луѓе. Значи не само во автобус и на останатите места кои вчера Комисијата за заразни болести ги посочи, туку и во шопинг центрите, маркетите, кината и така натаму.

Инаку, според Комисијата за заразни болести, моменталната епидемиолошка состојба во Македонија дозволува олабавување на дел од рестриктивните мерки, иако како што беше соопштено, ќе се олеснуваат постепено, се со цел да не се доведеме повторно во ризик да имаме зголмен број на нови инфекции со корона вирусот, а со тоа и оптоварување на целокупниот здравствен систем во земјава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons