66 години од смртта на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на АСНОМ
Делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, како и делегации од политичките партии, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во центарот на градот. Пред 66 години, на 24 јули 1957 година во Прилеп умре Методија Андонов–Ченто, македонски револуционер и државник, прв претседател на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и борец за правата и слободата на македонскиот народ.
За претседател на Президиумот Методија Андонов–Ченто бил избран и на Второто заседание на АСНОМ, на 29 и 30 декември 1944 година. Бил и прв претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.
Со своите политички ставови Ченто се залагал за поголема самостојност на Републиката во однос на федералните органи. Истовремено го поставувал прашањето за обединување на Македонија. Таквите негови ставови дошле во судир со официјалната политика.
Во 1946 година со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умрел како маченик, а бил рехабилитиран во октомври 1990 година. Роден бил во Прилеп, на 17 август 1902 година.
Оддавањето почит пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, е по повод одбележувањето на 66-годишнината од неговата смрт.
Долго време по неговата смрт, Ченто бил табу тема и ретко бил споменуван во книгите и учебниците, а и јавните разговори за него биле најстрого забранувани. Во 1990 година, по осамостојувањето на Македонија, на барање на неговиот син Илија Андонов–Ченто, судот ја повторил кривичната постапка против Ченто, при што одлуката на судот од 1946 година била укината. Постхумно е одликуван со „Орден на Република Македонија”, признание кое го имаат само поранешните претседатели на Македонија.
Така завршува епопејата за еден од најголемите борци за македонско национално единство, борец за обединета и независна Македонија.