„Преку ноќ“ се зголеми бројот на атеисти а беа избришани протестантите и евреите – кој ги менува резултатите од пописот?
Променети се пописните резултати за религиската припадност. Новата табела за верската определба на населението во земјава не е иста како таа објавена дента кога беа соопштени резултатите. Највпечатлива е промената на бројот на атеисти. Од првичната бројка на 355 лица кои се изјасниле како атеисти, сега бројката е 8764. Од друга страна ја нема графата Евангелско-протестантски христијани, која броеше исто толку попишани 8764 лица. Во новата табела се избришани, или не се прикажани лицата чија версдка опрделба е помала од 500, па така ја нема ниту графата за Евреи. Се забележува и преполување на новиот графикон. Зошто е ова направено побаравме став од директорот на Државниот завод за статистика.
-Ќе провериме за што станува збор и ќе бидете известени во понеделник, најверојатно се работи за техничка грешка, но мора да провериме, рече Апостол Симовски директор на ДЗС.
Во меѓувреме не стивнуваат реакциите за резултатите од пописот. Од партијата ПЦЕР најавуваат дека тие сами ќе ги пребројат ромите во земјава и ќе докажеле како што велат дека се 7 проценти од вкупното население. За таа цел од понеделник ќе почнат караван од Шуто Оризари, а ќе ги посетат и сите градови во државата.
Ќе докажеме дека сме втора најголема етничка заедница со 7 проценти, веднаш зад Албанците. Не може во избирачкиот список во Шуто Оризари да има 17.000 гласачи, а според пописот 11.000 се Роми, а 9000 Албанци во Шуто Оризари. И ако ги сметаме по тројца од семејство тоа се 51.000, нека бидат 9.000 Албанци, остануваат 40.000, сметам дека Ромите се дискриминирани со овој попис, рече Самка Ибраимовски, претседател на ПЦЕР.
И од демократкста партија на Србите во Македонија најавуваат дека сами ќе си направат интерен попис за нивни потреби.
-Сметаме дека пописот е направен нестручно и непрофесионално. Ние за нашите потреби ќе направиме пребројување на Србите кои живеат во Македонија во соработка со нашата матична држава, изјави Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
По објавувањето на резултатите од пописот реакција имаше и од академик Катица Ќулавкова. Таа напиша дека не го признава овој лажиран попис, побара јавно објавување на резултатите од непризнаениот попис од 2011 година и да се направи споредба.
-Оваа фарса од попис на населението во режија на парадржавата Северна Македонија е политички, национален, законски и морален криминал без преседан во европската историја. Овој попис е уште еден показател дека се наоѓаме во завршна, терминална фаза од одумирањето на македонската национална држава и делегитимацијата на македонската нација. Ова е хаотичен, трагикомичен, противзаконски чин. Онеправдани се Македонците како народ, но и македонските Турци, Срби, Бошњаци, Власи, Роми… напиша на ФБ академик Ќулавкова.
Власта пак смета дека е направен успешен попис после 20 години според европски стандарди.