Од октомври поевтин роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу објасни што ќе значи намалувањето на цената на мобилните услуги во роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, кое беше најавено за октомври годинава.
Според неа, тоа ќе значи дека населението од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово) и ЕУ ќе може да користат мобилен интернет по цени кои се во просек на регионално ниво, односно се барем една третина пониски од тоа што во моментов го плаќаат.
Брегу во интервју за косовскиот портал Зери, напомена дека се работи за сложен процес за кој се уште се преговара.
Она што беше објавено минатата недела се однесува на договорот што го постигнаа операторите од ЕУ и од Западен Балкан за највисоката цена од еден гигабајт во роаминг, која ќе се применува од октомври оваа година.
Брегу посочи дека 38 телекомуникациски оператори од Западен Балкан и ЕУ се дел од овој договор и рече дека другите оператори се добредојдени. Таа очекува телекомуникациските оператори да го одржат ветувањето и да обезбедат попристапни услуги со значително пониски цени за роаминг.