Колку оружје поседуваат македонските граѓани?
Македонците легално имаат 180 илјади парчиња оружје, но проценките се дека нелегално поседуваат двојно повеќе. Според статистиката на МВР, расте интересот за издавање дозволи за оружје. Па така, ако пред две години, секој ден, во просек биле издавани по 15 дозволи, а лани по 16, годинава бројката пораснала на 17. Збирно гледано, лани биле издадени близу 6 илјади нови или дозволи за пререгистрирање, а годинава, само во првите месеци над 2.100. Со една дозвола, може да се земат максимум 10 парчиња оружје за кои е потребно и одделно одобрение.
Професорот Златко Димовски вели дека се потребни повеќе акции за пронаоѓање на нелегалното оружје кое претставува висок ризик дури и со самото чување дома.
„Тоа што ни треба е откривачката функција во службите за спроведување на законите да интензивираат активности околу откривање на оружјето. Сигурно дека тоа не е едноставно. Сепак, тоа се крие на соодветен начин. Меѓутоа, гледаме доста инциденти со оружја кај нас. Пукање од возила имавме во изминатиот период, убивање на одредени лица, мафијашки пресметки итн. Сето тоа укажува дека кај нас имаме „доволни“ количини на илегално оружје“ – Златко Димовски, професор по безбедност.
Бројките, пак, на издадени одобренија за набавка на оружје паѓаат. Според, МВР во 2021-ва биле одобрени над 3.300, лани околу две и пол илјади, а годинава 1.600 набавки.
Српскиот план за разоружување на населението ги отвори дилемите, дали е потребно тоа да го направи и нашата земја, која се наоѓа во топ 10 листата на држави со најмногу оружје по глава на жител во Европа.
Димовски вели дека македонскиот закон за оружје е подобар од српскиот.
„Нашиот закон не е како законот во Србија. Таму е за поседување и носење, а кај нас е само за поседување на оружје. Одредени лица навистина сакаат да имаат оружје дома, меѓутоа да се запрашаме зошто им е, ако е само за поседување? Доколку некој сака да носи ловечко оружје има посебни правила како да го однесе до ловните површини, како да реализира лов и потоа повторно на безбеден начин да го врати назад.“ – Златко Димовски, професор по безбедност.
Законот е донесен во 2005-та, а за да се добие дозвола за огнено оружје лицето треба да е полнолетно, работоспособно и здраво, да не е опасност за јавниот ред, да има познавање за оружје и да докаже дека има оправдана причина за да го добие. Но, не сите го почитувале законот. Само лани кривично биле гонети 210 лица за недозволено држење и тргување со оружје. Годинава, пак, кривични пријави заработиле 53 лица.