Симовски: Попишувачите не се виновни, граѓаните не потенцирале дали се православни или католици
Попишувачот не смееше да влијае врз одговорите што ги даваа граѓаните, па ако луѓето кажале дека се христијани по религиска припадност, тогаш попишувачот е должен да ги внесе во графата „христијани“. А ако луѓето потенцирале дека се православни христијани или дека се католици христијани, тогаш нивниот одговор ќе отишол во графата „православни“ или „католици“, изјави Апостол Симовски за „Плусинфо“.
Симовски инсистира дека вината не е во попишувачите или во ДЗС, вели граѓаните сами случајно или намерно, не потенцирале во која група припаѓаат.
– Многу луѓе не размислувале дека треба точно да ја потенцираат религиската припадност. Па така, ако некој е православен христијанин, тој на попишувачот му кажува дека е христијанин, без да потенцира дека е православен. А попишувачот е должен да го внесе одговорот онака како што му бил кажан. Попишувачот не смее да влегува во дебата со граѓаните и да им објаснува, односно да ги наведува каков одговор да дадат на одредено прашање. Оти, ако попишувачите се вмешале во одговорите, тоа значи дека тие влијаеле врз одговорите. А влијаењето подлежи на кривична одговорност, објаснува Симовски.