Основните судови лани работеле со една третина помалку судии
Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет во 2022 година од вкупно 27 основни судови низ земјава ажурни се 14, а неажурни 13.
Ваквата оценка е врз основа на разликата меѓу бројот на примени и решени предмети во годината. Односно судовите кои решиле повеќе од примените предмети во текот на годината се ажурни, додека, тие кои не успеале и го зголемиле бројот на заостанати предмети се неажурни.
Па така, меѓу најажурните, односно најмногу е намален бројот на заостанати предмети во ОС Гостивар – 649, така што секој активен судија во просек завршил 1.968 предмети, додека меѓу неажурните, како што е ОС Тетово, иако решил 3.906 предмети по судија, сепак е неажурен и заостанал за 1.223 предмети.
Ако се земе по апелациони подрачја најажурно е апелационото подрачје Гостивар каде секој активен судија решил во просек по 2.829 предмети, но, истовремено тоа е и едно од најпополнетите апелациони подрачје со 65 проценти пополнетост и 13,7 активни судии на 100 илјади жители.
На ниво на држава во просек секоја активен судија низ основните судови во 2022 година решил во просек по 2.133 предмети, во ОС Ресен, кој е оценет како ажурен, секој судија решил во просек по 1.419 предмети, додека во ОС Битола, кој е оценет како неажурен, секој судија решил по 2.320 предмети.
Промоција на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија” ќе се одржи денес.
Пописот во 2021 година, отвори и едно друго прашање, а тоа е поставеноста на судската мрежа во земјава. Така, ОС Гостивар има по 21,2 судии на 100 илјади жители и е ажурен, додека ОС Прилеп со 6,8 судии на 100 илјади жители и е неажурен.
Од сите основни судови во 2022 година, само еден работел со 100 процентна пополнетост по ситсематизација. Тоа е ОС Неготино кој по систематизација требало да работи со пет судии.
Во 2022 година во основните судови низ земјава имало вкупно 288 активни судии, што значи дека секој во просек опслужувал по 6.364 жители или во просек имало по 15,7 судии на 100 илјади жители.
Според евиденцијата на пополнети судски места во судовите во земјава на почетокот на 2022 година има 20 помалку судии во однос на претходната 2021 година. На крајот на 2022 година има 68 помалку судии во однос на крајот на 2021 година. Просечно во 2021 година може да се земе број од 493 судии, а во 2022 година 449 судии или за 44 судии помалку.