Судот во Стразбур дозволува, Македонија со закон забранува објавување на неправосилни пресуди
Судскиот случај „Таргет-тврдина” во кој неправосилно се осудени 11 луѓе, а кој се однесува на прислушување на над 20.000 граѓани како и на уништувањето на опремата со која се прислушувало, буди сѐ повеќе сомневања. Откако граѓаните, но и стручната јавност бурно реагираа зошто на Апелацискиот суд Скопје му требале речиси две години за да донесе одлука дека предметот се враќа на повторно судење, се отвори и прашањето зошто судот не ја објавил ваквата одлука во јавност, на неговата официјална веб страница.
Случајот „Таргет-тврдина” се искомпликува уште повеќе откако Апелацискиот суд Скопје соопшти дека одлуката за враќање на случајот на повторно судење е донесена на 5 декември 2022 година и дека истата веднаш е објавена на официјалната веб страница на судот. Но со преглед на објавените податоци, МКД.мк откри дека судот не ја објавил својата одлука веднаш, како што тврдеше, туку единаесет дена подоцна, односно на 16 декември 2022 година.
Тогаш, скопскиот Апелациски суд објасни дека не може да ја објави пресудата затоа што, според закон е забрането неправосилните пресуди да се објавуваат јавно, пред сѐ поради начелото на пресумција на невиност на осудените односно поради заштита на нивните лични податоци.
Македонија забранува, судот во Стразбур дозволува објавување на неправосилни пресуди
Главниот аргумент на Апелацискиот суд зошто не ја објавил одлуката беше тој дека пресудата се враќа на повторно судење што значи не е правосилна, што пак го отвора прашањето на заштита на личните податоци или како што се нарекува со правнички речник, анонимизирање на пресудата (заштита на личните податоци на странките во судската постапка).
Но европската пракса покажува нешто сосема друго. И Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур (ЕСЧП) и Судот на правдата на европската Унија (СПЕУ) дозволуваат објавување на неправосилни пресуди.
Во Прегледот на релевантната јуриспруденција на Европскиот суд за човекови права „Независност и непристрасност на судството” од септември 2021 изработена од AIRE центарот (Советување за човековите права во Европа) и Civil rights defenders (Бранители на граѓанските права) јасно е напишано дека „гарантирањето дека постапките се јавни е друго средство преку кое се одржува и охрабрува јавната доверба во судството, се олеснува надзорот над судството и тоа се штити од самоволие“.
Според овој преглед, и пресудата и образложението на пресудата мора да бидат јавни, за да се осигура дека јавноста разбрала зошто судот донел таква одлука.
„Дури и во случаи кои опфаќаат прашања за националната безбедност или класифицирани информации, интересите на националната безбедност и/или доверливоста не претежнуваат спрема потребата за јавност на пресудите. Во такви случаи, државите мора да усвојат техники за да се прилагодат на легитимните грижи за безбедноста, без да се негира барањето за јавност, како на пример, преку анонимизирање на пресудите или класифицирање само на оние делови од судиските одлуки чиешто обелоденување би ја компромитирало националната безбедност или сигурноста на другите, така што јавноста сепак да има пристап до останатите делови од пресудата“, пишува меѓу другото во Прегледот на релевантната јуриспруденција на Европскиот суд за човекови права „Независност и непристрасност на судството”.
Што се однесува на прашањето за анонимизација на пресудите, пресудите на Европскиот суд за човекови права, по правило, не се анонимизирани и како такви се објавуваат на веб страницата на судот.
„Жалителот има право да побара анонимизација на судската одлука, но сепак тие, претходно мора да му укажат на судот за тоа и да поднесат изјава од кои причини го оправдуваат таквото отстапување од правилото на пристап до информации од јавен карактер во постапките пред судот. Судот може да даде овластување за анонимност или да ја додели анонимноста по сопствена дискреција“, пишува во резултатите од истражувањето „Унифицирање на судската пракса во Македонија, можности наспроти предизвици” направено од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) објавено во 2015 година.
И во Судот на правдата на ЕУ важат слични правила.
„Општиот суд при Судот на правдата на ЕУ има право да го изостави името на странката во спорот или на кое било друго лице спомнато во врска со постапките, или одредени податоци, од тие документи кои се однесуваат на предметот до кој јавноста има пристап, доколку постојат оправдани причини за чување во тајност на идентитетот на личноста или податоците. Лесно може да се заклучи дека општата пракса на двата суда е да ги објавува судските одлуки без какви било уреднички интервенции. Анонимизацијата на судските одлуки претставува исклучок и може да се овозможи само ако страната достави образложено барање. Исто така треба да се истакне дека анонимизацијата е општо ограничена на заменување на целосните имиња со иницијали“, пишува во Истражувањето на ЦПИА.
Спротивно на ова, Собранието на Република Македонија во 2020 година донесе нов Закон за управување со движење на предметите според кој судските одлуки може да се објавуваат само доколку целосно завршила постапката, односно откако пресудата ќе стане правосилна.
„Овластениот судски службеник на првостепениот суд е должен во рок од седум дена од денот на правосилноста на судската одлука, односно од денот на доставување на одлуката од страна на повисокиот суд, да ја објави на веб- страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците и оштетените во постапката. Овластениот судски службеник на повисокиот суд е должен во рок од седум дена од денот на верификацијата на правосилната судска одлука да ја објави на веб-страницата на судот“, пишува во Законот за управување со движење на предметите во судовите.
Врховниот суд и претходно укажувал ама законот ги држи судиите помеѓу чеканот и наковалната
Откако јавноста се крена на нозе во врска со пресудата на Апелацискиот суд Скопје, а во врска со пресудата за случајот „Таргет-тврдина” Врховен суд веднаш донесе начелен став и се јави со реакција.
Врховниот суд до Министерството за правда ќе поднесе иницијатива за измени на Законот за управување со движењето на предметите во судовите, на начин што со предложените законски измени ќе се предвиди објавување и на неправосилните судски одлуки на веб страниците на судовите. Во согласност со утврдениот начелен став, Врховниот суд истакнува дека достапноста до судските одлуки е особено значајно за доследно исполнување на начелото на јавност и на стандардите на Европскиот суд за човекови права и е во насока на почитување на јавниот интерес”, соопшти пред крајот на 2022 година Врховниот суд.
Од Врховниот суд за МКД.мк тврдат дека ваквата нивна реакција не била прва. Тие и претходно укажувале на потребата од објавувањето на пресудите.
„Поднесувањето на иницијативата за измени на Законот за управување со движењето на предметите во судовите, исто така, е во согласност и со заложбите на Врховниот суд за унапредување на транспарентноста на судството што како прашање беше дискутирано и при работните посети на апелационите судови, но и во рамки на Советот за отворено судство“, пишува во одговорот на Врховниот суд на прашањата поставени од МКД.мк.
Иако не станува збор за неправосилни пресуди како што тоа го дозволуваат европските судови, сепак еден од ретките судови кој работи на анонимизација на пресудите и објавување на официјалната веб страница на судот е Основниот кривичен суд Скопје.
„Основниот кривичен суд Скопје, согласно Законот за движење на предметите во судовите ги анонимизира правосилните пресуди кои се објавуваат на веб страницата sud.mk, а заради обемноста на решени предмети во судот, приоритет се дава на правосилни пресуди кои во текот на првостепената постапка биле од интерес на јавноста или може да се користат во градење на судската пракса. Во соработка со kоалицијата „Сите за правично судење” судот анонимизираше, и на веб страницата на судот, објави повеќе илјади правосилни пресуди што е најголем број на објавени кривични пресуди на порталот sud.mk. Заради интерес на јавноста една од пресудите што беше анонимизирана и пресудата поврзана со настаните во кумановско Диво Насеље“, велат од скопскиот Кривичен суд за МКД.мк.