900 милиони евра за модернизација на армијата во следните 10 години
За модернизација на армијата во наредните десетина години државата планира да потроши околу 900 милиони евра, пари наменети за купување, адаптирање и опремување на војската со најсофестицирано западно оружје со цел да има нејзина успешна и квалитетна интеграција во структурите на НАТО. Модернизацијата ќе се одвива во неколку фази а голем дел од средствата предвидени за нејзината надоградба ќе се обезбедат преку нашето стратешкото партнерство со САД но и со останатите земји членки на Алијансата.
Ќе се набавуваат, хеликоптери, борбени оклопни возила и модерни противвоздушни системи за одбрана како и најразлично пешадиско оружје. Преку овој развоен „долгорочен план 2022-2023 година“ ќе се изврши модернизација и опремување на армијата со кој во континуитет се менува ликот на армијата и ќе се зголемува нејзината борбена готовност, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг за медиумите кој се одржа во касарната Илинден а го организираше Министерството за одбрана.
– Еден од приоритетните процеси на кои сме како министерка, како министерство и како Генералштаб на Армијата целосно посветени и горди е процесот на модернизација и опремување на Армијата. Една третина од одбранбениот Буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира, модернизацијата за која детално бевте информирани и од началникот на Генералштабот и од директорот на Генералштабот, опфаќа неколку повеќегодишни проекти кои целосно го менуваат ликот на Армијата. Велиме дека Армијата е во НАТО, меѓутоа и НАТО со своите стандарди, најмодерна и најсофистицирана опрема влегува во Армијата – истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Петровска посочи дека проектите се навистина сеопфатни. Армијата веќе е во процес на исчекување на останатите оклопни возила од американско потекло од типот на ЈЛТВ. Ќе се купуваат оклопни транспортери „Стрјкер“ како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, МИСТРАЛ 3.
„Армијата се трансформира, армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години стои само како бројка, а всушност е истечен ресурс“, вели Петровска.
Пред медиумите се обрати и Началникот на Генералштабот на нашата армија, генерал Васко Ѓурчиновски. Презентација за деталите на овој процес одржа и Бригадниот Генерал Симеон Трајковски. Според него, модернизацијата на Армијата тече со засилено темпо.
-Дел од единиците опфатени со модернизацијата веќе добиле статус combat-ready според категоризацијата на НАТО истакна Трајковски.
Одговарајќи на новинарско прашање, ген. Ѓурчиновски рече дека за неколку месеци се очекува и анализа со проценка на потребите од набавка на беспилотни летала.
– Италија, Сад, Германија, Франција се земји од каде што ќе бидат набавени нашите нови хеликоптери. Не сме сами. САД сериозно ќе ја поддржат нашата земја и финансиски во процесот на модернизација, без оглед на изборот на земјата на потекло на оружјето. Затоа, ова е одговорна и патриотска одлука на нашето политичко раководство“, изјави генералот Ѓурчиновски.
Од друга страна Ѓурчиновски пред присутните истакна дека Генералштабот во целост ја поддржува одлуката за воена помош на Украина бидејќи според него тоа е помош на земја што е напдната и треба да се брани, додаде тој.
Меѓу најзначајните набавки е купувањето на 8 повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство, кои ќе ги заменат 12-те хеликоптери Ми-24 кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Ова ќе биде најголема набавка на воена опрема од конфликтот во 2001 година.
Министерката Петровска во однос на набавката нановите хеликоптери истакна дека досега има пристигнато 5 понуди од САД, Канада, Италија, Германија и Франција, по што треба да се донесе одлука какви хеликоптери ќе се набават. Според сегашните проценки, тие треба да чинат 214 милиони евра, но со оглед на тоа што цените на воената опрема и оружјето растат, до склучувањето на договорот, таа цена може да биде и повисока.
Голем дел од овие набавки нема да бидат со буџетски пари, туку со помош од сојузниците од НАТО, пред сè од САД, информираа на неколку пати од МО.
Инаку овие инвестиции треба да бидат дел од побрзата интеграција на македонската војска во Алијансата со цел подобра и компатибилна соработка со земјите членки на НАТО. Од министерството за одбрана информираа дека донирано вооружување за одбрана од руската агресија во Украина чини меѓу 24 и 30 милиони евра, а помошта за модернизација на армијата од САД само годинава била неколкукратно повисока.