6 лоши утрински навики поради кои ви се таложи сало на стомакот
Утринските навики може да го обликуваат остатокот од денот, особено кога станува збор за вашите цели за здравје и фитнес.
Утринските навики може да го обликуваат остатокот од денот, особено кога станува збор за вашите цели за здравје и фитнес.
Добрата утринска рутина може да го подобри метаболизмот и нивото на енергија, но некои навики можат да имаат спротивен ефект. За порталот SheFinds група експерти ги издвоиле најчестите лоши и штетни утрински навики кои многумина од нас ги имаат, а кои предизвикуваат таложење на масно ткиво на стомакот.
Од прескокнување на појадокот до често конзумирање на премногу засладени утрински пијалоци или пречесто одложување на алармот, одлуките што ги донесуваме наутро може да предизвикаат зголемување на салото на половината. Подолу истакнуваме што препорачуваат експертите дека треба да избегнувате по будењето.
Премногу шеќер за појадок
Јадењето премногу шеќер за појадок може да има штетни ефекти врз здравјето на дигестивниот систем и справувањето со тежината. Кога го започнуваме денот со храна богата со шеќер, како колачи, засладени житарици или јогурт со вкус, предизвикуваме зголемување на нивото на шеќер во крвта, а потоа опаѓање.
Диететичарот Џеси Федер истакнува дека конзумирањето на високо засладени житарици може „да доведе до таложење сало на стомакот, надуеност и проблеми со цревата. Високата содржина на шеќер промовира воспаление и го нарушува балансот на цревните бактерии“.
Со него се согласува и личниот тренер Ендрју Вајт, кој препорачува појадок богат со протеини, здрави масти и растителни влакна, како овесна каша со јаткасти плодови и семки или јајца со интегрален тост и авокадо.
Седечка утринска рутина
Редовната физичка активност е важна за одржување на здрав начин на живот, а многу е корисно да се активирате првото нешто наутро. Ова не значи дека треба да правите интензивен едночасовен тренинг, но кратка прошетка, истегнување или краток тренинг може да направи разлика. Недостатокот на движење по будењето може да има негативно влијание врз здравјето, пишува SheFinds.
„Утринската рутина без физичка активност може да го забави метаболизмот и да ги стимулира воспалителните процеси. Движењето ги стимулира антивоспалителните механизми и помага да се одржи здрава телесна тежина. Без него, телото е повеќе склоно кон зголемување на телесната тежина и воспаление“, вели диететичарот Крутика Нанавати.
Ги прескокнувате протеините
Протеините се многу важни за одржување на чувството на ситост. Доколку не се вклучени во појадокот, поголеми се шансите да се чувствувате многу гладни во текот на денот и да се прејадете, што може да предизвика надуеност и непријатност. Вајт објаснува дека „недоволниот внес на протеини наутро не ги активира хормоните кои ја регулираат ситоста, што може да доведе до прејадување и зголемување на телесната тежина“.
Затоа се препорачува веднаш за појадок да се консумира квалитетен извор на протеини. Како такви, експертите на SheFinds ги издвоија прехранбените производи како грчкиот јогурт, смути со протеински прав или јајцата, кои се еден од најдобрите природни извори на протеини.
Пребрзо го јадете појадокот
Многумина несвесно ја јадат храната премногу брзо без темелно да џвакаат.
Вајт истакнува дека темелното џвакање на храната е „клучно за правилно варење“. Тој додава дека „пребрзото јадење може да доведе до голтање воздух, што предизвикува надуеност.
Освен тоа, го отежнува разградувањето на храната и ја намалува апсорпцијата на хранливи материи“.
Јадете премногу влакна одеднаш
Влакната се важни за здравјето на дигестивниот систем и можат да помогнат во регулирањето на телесната тежина преку обезбедување на чувство на ситост. Но, ако тие се внесуваат премногу одеднаш, а не сте навикнати на храна богата со растителни влакна, може да имате лошо варење.
Вајт предупредува дека „конзумирањето многу влакна наутро, особено од преработени извори како што се житариците богати со влакна или енергетски барови, може да го преоптовари дигестивниот систем ако тоа не е вашата вообичаена исхрана“.
Препорачува постепено зголемување на внесот на влакна и нивно рамномерно распоредување во текот на денот. Изберете природни извори на влакна – зеленчук, овошје, цели зрна и мешунки.
Додавате крем и засладувач во кафето
Кафето може да има многу здравствени придобивки. Диететичарката Дејна Елис Ханес наведува дека може да помогне во варењето и да ја намали надуеноста бидејќи ги стимулира цревата. Црното кафе се смета за една од најдобрите опции бидејќи содржи корисни антиоксиданси и кофеин кои можат да го зголемат нивото на енергија.
Сепак, диететичарката Лиза Ричардс предупредува дека додавањето засладен крем и премногу шеќер може да го зголеми внесот на калории, да го наруши варењето и да го поттикне воспалението.
„Додавањето млеко или крем за многумина го прави кафето повкусно, но додава и калории, шеќер и масти кои брзо се акумулираат“, објаснува таа за SheFinds.
Секако, тоа не значи дека секој треба да почне да пие исклучиво црно кафе. Но, корисно е да размислите за замена на одредени видови засладувачи и креми за поздрави алтернативи.