45 евра казна за возачите без зимска опрема
Секој возач кој ќе биде затекнат без соодветна зимска опрема во возилото ќе плати глоба од 45 евра, предупредуваат од Секторот за внатрешни работи Струмица.
Со цел да ги потсетат возачите дека зимскиот режим веќе стапи на сила, тие во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата започнаа со реализација на превентивни акциски контроли, преку кои ги информираат возачите за важноста од носењето зимска опрема, како и за навремената подготовка на возилата за зимски услови и возење на влажен, лизгав или снежен коловоз.
Во акцијата на МВР и Републичкиот совет се вклучи и Општина Босилово, од каде потсетуваат дека почитувањето на сообраќајните правила значи намален ризик од сообраќајни незгоди и обезбедување побезбедно и непречено одвивање на сообраќајот во периодот кога условите на патиштата се најсложени.
Зимскиот режим во сообраќајот започна на 15 ноември и ќе важи до 15 март 2026 година. Минатата година, поради непочитување на сообраќајните правила и прописи, 142 лица го загубиле животот, а над 7.100 се повредени.



