Спорт

4.000 млади спортисти на ЕМОФ Скопје 2025 

Од 20 до 26 јули, Скопје и Куманово ќе го добијат своето најголемо спортско, културно и младинско доживување досега – Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе ги обедини младите спортисти од 50 различни европски делегации во духот на фер-плејот, пријателството и заедништвото. Овој исклучителен спортски настан не е само спортски натпревар – тоа е европска приказна што Македонија ја раскажува преку младоста, енергијата и културното богатство што ќе го понуди на меѓународната публика.

Со учество на над 4.000 млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, ЕМОФ Скопје 2025 го претставува најголемиот мултиспортски настан некогаш организиран во нашата земја. За првпат, Македонија ќе има рекорден број од речиси 200 домашни спортисти, што претставува огромен скок во однос на претходните учества на ЕМОФ, кога испраќавме по 3-4 претставници. Овие деца се темелот на нашата спортска иднина и ќе бидат дел од новата база на податоци што ќе се следи во наредните години, со цел нивен развој и поддршка.

Покрај спортските натпревари, ЕМОФ е и можност за културен и социјален дијалог. Македонија ќе го покаже своето културно наследство, гастрономијата и автентичната гостопримливост пред илјадници гости и гледачи. Преку паралелни настани – концерти, изложби и интерактивни активности – ќе се раскаже една поинаква европска приказна: таа во која спортот ги зближува народите, а малите земји имаат голема моќ да инспирираат.

Во средиштето на оваа голема мозаична слика се и луѓето кои стојат зад сцената – организаторите, спортските федерации, локалните власти, партнерите и младите професионалци кои во изминатите месеци посветено работат на секој детаљ. Преку ова искуство, Македонија создава нова генерација на млади лидери и експерти во спортски менаџмент, кои утре ќе бидат дел од организацијата на други големи меѓународни настани. ЕМОФ Скопје 2025 не е само фестивал – тоа е школа, двигател и катализатор за трајни промени во начинот на кој ја гледаме и развиваме спортската иднина на нашата земја.

Организацијата на ЕМОФ Скопје 2025 не е само обврска, туку и историска можност за Македонија да ја покаже својата способност за организирање настани од највисок европски ранг. Со над 900 волонтери, модернизирани спортски објекти и поддршка од националните и локалните институции, фестивалот ќе биде настан кој, како што велат организаторите, „ќе се памети со децении“.

Македонија е подготвена. Европа доаѓа кај нас. Да ја раскажеме нашата приказна – преку спортот што обединува, соопштија организаторите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons