МакедонијаНајново

30 години македонска армија – од 2024 да се издвојува 2 отсто од БНП за војската 

Формирана во исклучително сложен геополитички и безбедносен амбиент, на крајот на Студената војна и во екот на крвавиот распад на Југославија, Армијата ги споделуваше сите предизвици на младата македонска држава.

Започнавме скромно, со оскудни воени резерви, но, со обучени и посветени патриоти, старешини и војници, кои ги полнеа македонските касарни од првиот ден, рече во своето обраќање претседателот и Врховен командат на вооружените сили, Стево Пендаровски на централната свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје каде се славеше 30 години од формирањето на Армијата.

-Трагичното украинско искуство покажува дека освен традиционалните воени закани, се поприсутни се и новите, асиметрични и хибридни закани кои не смееме да ги игнорираме. Тука спаѓаат и кампањите за дезинформации преку лажните вести што имаат за цел да ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите и да го дестабилизираат демократскиот поредок.

За да ги неутрализираме сите овие закани, треба да продолжиме да вложуваме во одбраната и, не подоцна од 2024 година да го постигнеме стандардот на издвојување на најмалку 2% од БНП. Тоа е предуслов за натамошна модернизација на армијата и имплементација на реформите, со што, директно го јакнеме и целокупниот македонскиот безбедносен систем, рече Пендаровски.

????????????????????????????????????

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во своето обраќање се фокусираше на достигнувањата во триесет годишното постоење на Армијата, клучните одлуки донесени во овој изминат период, местото на Армијата во општеството како институција со најголема доверба, како и процесите на развој на одбраната, модернизацијата на Армијата и развојот и мотивацијата на сите армиски припадници и службеници во одбраната.

-Триесет години постоење е долг период кој сите ние го паметиме како време во кое трудољубиво се поместувани границите на сопствените достигнувања. Заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е постигнување за кое се имаат заложено многу поединци, поранешните Претседатели, Влади, министри за одбрана, началници на Генералштабот, старешини, војници и вработени.“, рече министерката.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во својот говор истакна дека многу генерации на вработени во министерството за одбрана и армијата, војници, старешини и цивилни лица, но и општествени работници активно се вложија во три деценискиот развој на армијатa која е почитувана од граѓаните и членка на НАТО.

????????????????????????????????????

-Одбележувањето на овој значаен јубилеј во касарната која го носи светото име Илинден го посветуваме на стремежите и пожртвувањата на сите наши херои и великани за вековната борба за слобода и мир. Од овој свечен јубилеј сакам да порачам дека Армијата секогаш работела и ќе работи исклучиво за интересите на граѓаните и нашата татковина, истакна генералот Ѓурчиновски.

На крајот од своето обраќање, на припадниците на Армијата им порача: „Од вас очекувам да продолжите посветено, одговорно и гордо да ја претставувате војничката професија, Армијата и нашата Држава.“

Јубилејната свечена церемонија на симболичен начин преку дефилето на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата, како и изложените современи борбени возила со кои располага Армијата меѓу кои и штотуку добиените лесни оклопни возила го претстави достигнувањето и извежбаноста на припадниците на Армијата.

На централната свеченост присуствуваа и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, Министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор, поранешните министри за одбрана и началници на генералштабот, генералите во Армијата, команданти на командите и единиците на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.

Централната свеченост е една од завршните активности со кои се одбележуваше јубилејот 30 години од формирањето на Армијата меѓу кои беа реализирани: изложба по повод 30 годишниот јубилеј, отворениот настан за граѓаните, трибини, спортски натпревари, хуманитарни акции и прослави во единиците.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons