18-годишникот што смртно прегази жена во Капиштец избегал од Македонија, распишана потерница
МВР поднесе кривична пријава против четири лица за сообраќајната несреќа во која вчера возач усмрти жена во Скопје. Две лица се приведени, а се трага по 18-годишниот возач и неговиот татко кои избегале од Македонија.
Несреќата се случи во Капиштец на улицата „Народен фронт“ во Скопје околу 11 часот и 30 минути. Жената на возраст од 79 години подоцна во текот на денот почина на Клинички центар.
Автомобилот „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки го управувал 18-годишниот С.С. од Скопје и тој избега од местото на настанот и уште се наоѓа во бегство со неговиот татко.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ.
Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.2, а во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот Законик и за ,,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода” по чл.301 ст.2, а во врска со чл 300 ст.2 од КЗ и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на Б.С.
За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое С.С. и Б.С. ја напуштиле државата и двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка.



