Ќе се зголемува опсегот на студенти во надоместокот за студентски оброк
Ќе се зголемува опсегот на студенти кои ќе можат да користат студентски оброк – мерката на Министерството за образование за подобрување на стандардот на студентите. Министерката Јаневска оствари средба со претставници на Националното студентско тело, Сојузот на средношколци и Форумот за образовни промени. По средбата таа потсети дека во последните шест месеци биле исполнети шест барања на студентите, меѓу нив и решавање на проблемот со бесплатниот превоз, при што владата му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие.
Власта започна и етапно реновирање на студенстските домови. За два од нив, реконструкцијата ќе чини 17 милиони евра. Јаневска вети дека во текот на нејзиниот мандат и студентите од ФИНКИ ќе добијат нови модерни објекти, а најави уште многу нови инвестиции за подобрување на условите на учениците. Студентските и средношколските организации задоволни од средбата и исполнетите барања. Го поздравија и планот на Министерството да бидат вклучени во носењето на идните одлуки и новите законски решенија.
Јаневска, студентите и средношколците се согласија дека за да се изгради стабилен воспитно-образовен систем, потребни се проверени решенија кои веќе дале резултати, но истовремено системот да се прилагоди на потребите на дигиталното време – за ова е потребна соработка на сите оние кои сакаат напредок во образованието.