Ќе се гради втората фаза од жичницата во Скопје, од Капиштец до Средно Водно
Владата најави дека втората фаза на жичницата во Скопје од Капиштец ќе почне да се гради. Ваквата информација за „Сакам да кажам“ ја потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски
„Сметаме дека овој проект е важен за градот Скопје. Жичницата секојдневно се користи од голем број домашни и странски гости и затоа сакаме целосно да го поврземе градот со Водно. Во наредниот период ќе се прават анализи односно ќе разгледаме што предвидувал претходниот проект, дали е потребно нешто да се корегира, па ќе излеземе со конечно решение во јавноста“, вели Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. По изградбата на првата фаза беше најавено дека ќе се гради и втората фаза, но откако дојде СДСМ на власт во 2017, овој проект исчезна од проектите на тогашната Влада.