Ќе нема кој да работи во државната администрација ако платите не пораснат за 30 отсто, вели Деаноски од УПОЗ
„Нема Министерство или институција во која досега одржавме состанок, каде раководителите и менаџерите самите не се свесни дека ќе има огромен егзодус на вработени доколку во најбрз можен рок не се покачат платите за 30 проценти“, рече вечерва во „Топ тема“ на „Телма“ претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.
Тој вели дека ова особено се однесува на стручните и обучени кадри кои ги водат институциите.
-Не можеме да привлечеме нови вработувања во државната управа, правосудството, агенциите и фондовите доколку не се покачат платите. Тоа се покажа како точно во изминативе години, бидејќи на огласите што ги објавуваат Агенцијата за администрација или министерствата, никој не се јавува и младите не се заинтересирани да работат во јавната администрација – рече Деаноски.
Тој посочи дека почетната плата на вработен со високо образование во јавниот сектор во моментов би била 26.000 денари.
-Зошто некој би работел за 26.000 денари?, праша Деаноски и додаде дека „веќе никој ни од партиските штабови не сака да работи за таква плата“.
„Моментално нема никаква правна пречка, ниту, пак, некогаш имало за потпишување на колективни договори со кои би се зголемила платата, без разлика за кој дел од јавниот сектор се работи, но буџетските корисници треба претходно да добијат дозвола од Министерството за финансии за да го направат тоа“, вели Деаноски.
-Иако правилникот на минатата влада, според кој се бараше пред потпишувањето на било каков колективен договор во јавната администрација прво да се добие согласност од Министерството за финансии, беше укинат од Уставниот суд, сепак останува Членот 4 од Законот за извршување буџети, кој го предвидува токму истото, и тоа е сега причина Министерството да ги одбие колективните договори. Дури и оние државни институции кои имаат сопствени приходи од наплаќање на услуги, не можат да ги користат за зголемување на платите и потпишување на колективни договори без да добијат согласност и мислење од Министерството за финансии – рече Деаноски.
-Кога веќе се именуваат директори и раководители на јавни институции и од нив се бараат изјави под кривична одговорност дека разумно ќе располагаат со нивните буџети, треба да им се дозволи и да располагаат со нив, во смисла на зголемување на платите на вработените – за да ги задржат како вработени, додаде тој.