Македонија

Ќе купуваме струја од Бугарија – Ковачевски договори зделка во Софија, цената уште не се знае 

За техничките детали ќе се погрижи работна група, која ќе се формира уште во среда

Македонија ќе купува струја од Бугарија – премиерот Димитар Ковачевски во Софија договори 200 мегават-часови електрична енергија од октомври до крајот на март.

Овие количества најверојатно ќе се насочат во задоволување на потребите на бизнис секторот и индустријата. Засега не се открива по која цена ќе ја купуваме струјата од Бугарија, што е исклучително важна информација, со оглед на енормните, секојдневни поскапувања на пазарите. 

Како што соопштија Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев денеска во главниот град на Бугарија, тие разговарале за снабдување со струја од Бугарија во четвртиот квартал од оваа и првиот од наредната година. Како што рече Донев, станува збор за 200 мегават-часа пренос на енергија за периодот до 21 март 2023 година. 

Ковачевски и Донев најавија дека конечниот договор за струјата треба да се постигне за околу две недели. За техничките детали ќе се погрижи работна група која ќе се формира уште во среда.

„Разговаравме и за количините кои се потребни кај нас, со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа. Исто така, разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија како и за можностите и нормално што ќе биде исто така дел од работата на работната група за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија“, рече Ковачевски.

Премиерот, кој ја предводеше владината делегација на разговори во Софија за енергетската криза, оцени дека со бугарската делегација имале состанок кој бил во добра волја и се надева дека така ќе продолжи и работната група.

„Имавме состанок кој беше одржан во духот на добра волја, како што кажа Донев, тој траеше подолго од предвиденото, затоа што разговараме навистина за детали, со фокус на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и стопанството. Со таков дух и таква волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи во среда и дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе биде од обостран интерес“,рече премиерот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons