ЈО ќе поведе постапка против 10 лица за криумчарење на луксузни автомобили: Вклучени и службени лица
По спроведена претходна постапка и врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе поведе постапка против вкупно 10 лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.
Меѓу осомничените се две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата.
Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција.