ЈОВАНОВСКА: На бебето му е поставена имобилизација и нема да има никаква последица
Бебето кое во текот на породувањето со царски рез на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје доби скршеница на раката нема да има траен инвалидитет, ниту пак долгорочни последици, потврди за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, доктор Викторија Јовановска.
„Вчера му е поставена имобилизација и нема да има никаква последица. Ова се случува како компликација при попречна презентација на плодот. Формиравме комисија за да се испитаат сите околности. На почетокот по пораѓањето, отокот не бил видлив. Но, вчера изутрина кога забележале дека на раката има оток, направија рентген снимка и видоа дека има фрактура. Тоа не е честа компликација, но сепак е компликација која може да настане кога плодот има попречна презентација. На почетокот детето имало пареза на раката. Постојат парези кои во првите 24 часа спонтано поминуваат и чекавме да видиме дали е тоа. Но, бебето е сега имобилизирано и мајката го гледа. Може да ја испишеме од болницата утре заедно со бебето“, изјави Јовановска.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека за една недела имаше три скандали на скопска гинекологија. Потсетија дека на новороденче му беше исечен прст, а почина и родилка.