Спорт

Ѓоковиќ со загубен сет до второто коло на Австралија опен

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на грен слем турнирот Австралија опен. Тој го совлада Американецот Нишеш Басавареди со 3-1 по сетови 4-6, 6-3, 6-4, 6-2 по три часа игра.

Во првите шест гема и двајцата играчи беа сигурни во сервис гемовите, а потоа 19-годишниот Американец направи брејк, кој потоа го спаси и на големо изненадување на многумина го освои првиот сет.

Ѓоковиќ се мачеше во тие моменти, а ситуацијата не беше многу подобра на почетокот на вториот дел. Басавареди одолеа и држеше егал, но Србинот на крајот дојде до брејк во осмиот гем, кој потоа без поголеми проблеми го потврди и стигна до израмнување.

На паузата меѓу вториот и третиот сет Басавареди се пожали на грчеви, а Ѓоковиќ уште на стартот на третиот сет направи брејк топка која успеа да ја одржи до крајот и да поведе со 2:1.

Ѓоковиќ играше подобро, а Басавареди не можеше да го издржи тоа темпо. Српскиот ас направи брејк на стартот од четвртиот сет, а потоа истото го направи и во петтиот гем. При 5:1 имаше две меч топки на сервис на противникот, но не ги искористи. Сепак, во следниот гем успеа да го приведе мечот до крај и да се пласира во следната рунда.

Она што е особено интересно е што Ѓоковиќ го загуби воведниот сет во Мелбурн за прв пат по 2006 година, но овој пат не дозволи да биде поразен. Противник на десеткратниот шампион на Австралија опен во второто коло ќе биде Португалецот Хамес Фариа, кој го изненади Павел Котов победувајќи со 3:0 во сетови.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons