Ѓоковиќ: Не се откажувам, страста ја имам, ќе дојде и формата
По две години Новак Ѓоковиќ повторно ќе игра на Мастерс турнирот во Мадрид, тој денеска проговори и зошто не оди во пензија иако последните настапи не му се најдобри.
Тој вели дека не оди во пензија бидејќи уште има страст за играта.
„Да не сум мотивиран, немаше да бидам овде. Ќе го оставев рекетот и ќе си заминев. Но, сè уште ја чувствувам желбата да играм, да се натпреварувам. Страста е тука и тоа ме тера да продолжам“, изјави Ѓоковиќ, додавајќи дека гренслем-турнирите остануваат негов главен фокус, но дека сака да се докаже и на другите турнири.
„И покрај неуспесите, не се откажувам. Знам дека формата ќе дојде, можеби овде во Мадрид, можеби во Париз. Јас сум оптимист. Немам најдобри резултати оваа година, но тоа не значи дека немам шанси. Секогаш верувам во себе“, рече тој.
Ѓоковиќ проговори и за Мастерс турнирот во Мадрид.
„Ми недостасуваше овој турнир. Овде имам прекрасни спомени, освоив три титули, играв фантастични мечеви со Надал и Алкарас. Шпанците го разбираат спортот и знаат да ја ценат играта“, рече Новак.