Спорт

 Чупиќ е нов тренер на РК Вардар: Ова е мојот втор дом

Легендарниот хрватски ракометар, Иван Чупиќ се враќа во Вардар, но овојпат во поинаква улога, ќе биде тренер на црвено-црните.

По разделбата со Гиљермо Милано, Вардар се договори со Иван Чупиќ кој од денеска и официјално го презема кормилото на македонскиот ракометен тим со кој двапати како играч ја освои Лигата на шампионите.

Чупиќ тренерската кариера ја почна како асистент во Загреб, а минатата сезона беше прв тренер на Метковиќ. Вардар за него ќе биде досега најголем тренерски предизвик.

Не можев да одбијам повик од Вардар – тоа е мој втор дом. Благодарен сум на Метковиќ за шансата да почнам како тренер, но ова е посебна приказна. Целата екипа мора да ја сфати одговорноста што значи да се носи дресот на Вардар. Имаме јасна цел – враќање на титулата по три сезони“, е првата изјава на Чупиќ како тренер на Вардар.

Чупиќ сам ќе си го одреди стручниот штаб, засега е сигурно само дека нов тренер на голманите ќе биде Марио Келентриќ.

Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски вели дека Чупиќ уште како ракометар покажувал материјал дека ќе биде тренер.

„Памтите кога во 2017 година Чупиќ во последната секунда му даде гол на ПСЖ за да ја освоиме титулата во Лигата на шампионите. Уште тогаш покажуваше амбиции да биде тренер, дури и ми предложи да почне тогаш да работи како тренер кај нас. Тогаш тоа ми беше шокантно и го одбив, но сега е подготвен за оваа работа“, рече Михајловски.

Тој не знае дали Стојанче Стоилов ќе остане во Вардар.

„Стојанче Стоилов е легенда, но во овој момент сметавме дека Чупиќ е подобра опција. Мислам дека Столе не е спремен да го води Вардар, а на него е дали ќе остане во клубот или не“, рече претседателот на РК Вардар и напомена дека Чупиќ и Стоилов имале пријателски разговор, но не откри што било разговарано.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons