МакедонијаНајново

Членовите на Судскиот совет не планираат да си поднесат оставки, еве кога им завршуваат мандатите 

Шестгодишниот мандат на тројца од петмината членови на Судскиот совет на кои Собранието им изгласа недоверба им завршува до крајот на годинава, на еден следната 2026 и еден во 2027 година.

На тројца членови на Советот мандатот им истекува годинава. Најрано завршува мандатот на двајца кои се бираат по предлог на претседателот на државата.  Во јули годинава завршува мандатот на Миљазим Мустафа, кој е избран во јули 2019 година, а во декември на Весна Дамева, избрана во декември 2019 година. До крајот на годинава завршува и мандатот на Селим Адеми избран во декември 2019 година.

Следната година во декември завршува мандатот на Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година, Тања Чачарова-Илиевска, која е избрана во декември 2021 година, има мандат до декември 2027 година.

Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет, а за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, како што налага Законот за Судски совет.

Весна Дамева, образложувајќи го својот одговор на седницата за нејзина интерпелација со Собранието, истакна дека изминатиот период континуирано, како што кажа, одредени луѓе од политиката се обидуваат да ја омаловажат, изнесувајќи невистини и небулози.

Морална одговорност и напуштање на позициите очекува премиерот Христијан Мицкоски од петмината членови на Судскиот Совет, на кои им беше изгласана недоверба во Собранието. Заменик министерот за правда Ален Деребан, пак, го повика Судскиот совет итно да закаже седница и да расправа за заклучоците на Собранието, а членовите опфатени со интерпелациите да си поднесат оставки.

„Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места“, изјави Мицкоски.

Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.

Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје.

Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.

Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет,  годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, повторно се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.

Советот на 510-тата седница одржана на 3 јануари годинава со 13 гласа го избра судијата Александар Камбовски за нов претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија.  Камбовски, доаѓа од Апелација Битола и беше избран за член на Советот во јуни минатата година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons