Членките на СЗО усвоија историски договор за пандемии
Членките на Светската здравствена организација (СЗО) денес усвоија историски договор за подготвеност за идни пандемии по појавата на ковид-19, која одзеде милиони животи помеѓу 2020 и 2022 година.
По три години преговори, Светското здравствено собрание во Женева усвои правно обврзувачки пакт. Земјите-членки на СЗО го поздравија усвојувањето со аплауз. Договорот се смета за победа на членките на глобалната здравствена агенција во време кога САД го повлекуваат финансирањето од мултилатералните организации како што е СЗО.
„Договорот е победа за јавното здравство, науката и мултилатералната акција. Тој ќе обезбеди подобро, заедно, да го заштитиме светот од идни пандемиски закани“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Договорот беше загрозен доцна синоќа кога Словачка повика на гласање, бидејќи нејзиниот премиер, скептичен кон вакцината против ковид-19, бараше неговата земја да го оспори усвојувањето на договорот.
Договорот беше поддржан од 124 земји, ниту една не гласаше против, но 11 земји, вклучувајќи ги Полска, Израел, Италија, Русија, Словачка и Иран, беа воздржани.