Четири пријави за семејно насилство, двајца се уапсени
Во текот на вчерашниот ден МВР добило четири пријави за семејно насилство, по кои се реагирало и двајца од сторителите се веднаш уапсени.
Првиот случај на апсење е од Крива Паланка, при што сторителот нападнал тројца од своите најблиски. Имено, синоќа во 20:55 часот бил уапсен И.С.(48) од Крива Паланка затоа што во семејниот дом физички ги нападнал неговата сопруга, синот и снаата.
Апсење имало и во Куманово – лисици на рацете добил Т.Ј. од Куманово затоа што физички ја нападнал неговата сестра (35).
Другите два случаја се од Прилеп и Тетово.
Имено, млад прилепчанец (21) вчера попладне во полиција пријавил дека бил нападнат од неговиот брат Б.С.
Вториот случај не бил само инцидент, туку состојба на демнење и заплашување. Имено, синоќа половина часот пред полноќ, тетовка (30) во СВР Тетово пријавила дека С.К.(30) од Скопје, со кого претходно била во вонбрачна заедница, во текот на февруари и март година во повеќе наврати ја следел и ѝ испраќал пораки со навредлива содржина, а околу 23:15 часот бил забележан во близина на нејзиното работно место во Тетово.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите и по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави, нагласува МВР.



