Четворица повредени во голем пожар што синоќа избил во зграда во Кисела Вода
Во зграда во скопска Кисела Вода доцна синоќа избил голем пожар. Во несреќата се повредени четири лица – двајца станари, еден полицаец и еден пожарникар кои интервенирале на теренот.
Како што информира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, еден од становите е целосно изгорен, а зафатени од пожарот се уште неколку стана. Жителите на зградата, како што посочи, биле евакуирани оттаму и пренесени во неговиот кабинет во општинската зграда.
„Веднаш со мојот тим се упативме на местото на настанот. Оваа ноќ ќе ја поминеме заедно, ќе најдеме и преноќиште а уште рано наутро ќе помогнеме со сите расположливи ресурси и оваа трагедија, заеднички ќе ја надминеме. Заеднички ќе најдеме решение за сѐ ова, мојот народ не го оставам на милост и немилост“, напиша Ѓорѓиевски синоќа во објава на Фејсбук.
Градоначалникот на Кисела Вода им се заблагодари за смиреноста на станарите на зградата, инаку лоцирана спроти опшинската зграда, а благодарност упати и до екипите на скопската противпожарна единица и до припадниците на Министерството за внатрешни работи кои, како што вели:
„Со својата професионалност беа на висината на задачата и поради што пожарот е локализиран, а што е најважно нема човечки жртви.“