ЦУК интевернира во Сарај, Липково, Гостивар, најалармантно е во Кичево
Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи, во околината на Скопје е најпогодена општина Сарај, поточно селата Буковиќ и Семениште, каде заедно со Општината се преземаат координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“, соопштуваат од ЦУК.
Од Центарот соопштија дека Општина Сарај активирала кризен штаб и досега, според информациите на терен, биле погодени 30 домаќинства.
„Според информациите од терен, над 30 домаќинства беа погодени, при што службите интервенираа навремено, координирано и со засилен ангажман, а зафатените објекти се целосно расчистени“, велат од ЦУК.
Во Кумановско, пак, во општина Липково реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“, информираат од Центарпт.
Во Општина Кичево, по излевањето на Зајашка река се поплавиле куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Од ЦУК соопштија дека е извршена евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош, а од Општината повикаа на смиреност, трпение и внимателност.
Во прилог можете да го погледнете видеото од катастрофалната состојба во Кичево објавено на каналот „Давор“ на Јутјуб.



