Актуелно

Централен регистар се огради од одговорност за „Ванчо Михајлов“, нема орган кој одобрува употреба на име на личност 

Централниот регистар, преку соопштение до медиумите, се огради од секаква одговорност за регистрацијата на Здружението Културен Центар Иван Михајлов Битола, со образложение дека не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност.

Во соопштението Централен регистар ја опишува целата постапка на регистрација на Здружението, почнувајќи од 13.03.2019 година кога до Централен регистар од страна на лицето Љупчо Ѓоргиевски е доставена пријава за упис на основање на Здружение Културен Центар Иван Михајлов Битола. Како прилог докази кон пријавата за упис на основање биле доставени прилози согласно член 42 од Законот за здруженија и фондации, вклучително и Изјава заверена на нотар за немање законски наследници до трет наследен ред за лицето Иван Михајлов и Известување донесено од Министерство за правда бр. 11-423/2019, од 05.03.2019 година.

По комплетирање на целокупната документација, од страна на Централен регистар на ден 15.03.2019 година е донесено Решение за упис на основање на Здружението Културен Центар Иван Михајлов Битола.

Од Централен регистар објаснуваат и што треба да е содржано во името на организацијата, што е регулирано со член 8 и 9 од Законот за здруженија и фондации. „Во ставот 4 од член 8 е утврдено дека за прашања кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво. Поимот и името на фирмата во Законот за трговските друштва е регулиран со повеќе одредби и тоа од член 44 до 59.

Согласно член 49 од Законот за трговските друштва – Во фирмата може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста, или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда“, пишува во соопштението.

Оттаму додаваат дека во врска со наведените законски одредби кон пријавата за упис на основање била доставена Изјава заверена кај нотар од застапникот по закон на здружението – лицето Љупчо Ѓоргиевски со која под морална, материјална и кривична одговорност тврди дека лицето Иван Михајлов нема законски наследници до трет ред во права линија. Согласно истите одредби во врска со кои доколку нема наследници, согласност дава Министерството за правда.

„Во отсуство на издадено Решение за Согласност од страна на Министерството за правда кон Пријавата за упис е доставено Известување од Министерство за правда со бр. 11-423/2019, од 05.03.2019 година, со кое се известува подносителот дека Министерството за правда не е во можност да издаде одобрение од причина што во Министерството не се води регистар на историски личности или каков било друг документ со кој може да се утврди статусот на историска личност и употребата на нејзиното име.

Централниот регистар го зема во предвид известувањето од Министерството за правда за немање регистар за историски личности но, исто така, не е предвидено дека друг државен орган води регистар на историски личности. Или, со други зборови, не постои надлежен државен орган кој може да издаде одобрение за употреба на име на личност“, стои во соопштението од Централен регистар.

Инаку, како што додаваат оттаму, досегашната пракса покажува дека ваков тип на Известување од Министерството за правда се издава постојано при упис на правни субјекти кои во својот назив содржат податоци за лично име. Оттука, во Регистарот на Здруженија и Фондации постојат многу субјекти кои содржат име на личност.

„Централниот регистар не може да го спречи загарантираното уставно право на граѓаните за слобода на здружување заради остварување на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања како темелна вредност определено во член 20 и член 48 од Уставот на РСМ.

Централниот регистар сметал дека во запишаните цели и програма на делување нема елементи кои се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, не се преземаaт активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или закон, ниту се повредуваат слободите и правата на други лица, за што е одлучено на начин што е донесено Решение за упис“, стои во соопштението.

Од Централен регистар уште напоменуваат дека од денот на основањето на здружението 15.03.2019 година, до денеска не е поднесена жалба против решението за упис на основање. Инаку, согласно член 66 од Законот за здруженија и фондации секој може да поднесе пријава за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Согласно член 110 од Уставот на РСМ, Уставниот суд, покрај другото, одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните.

Понатаму, во надлежност на Уставниот суд е и укинување и поништување на Статут и Програма на здружение, доколку утврди дека истите не се во согласност со Устав или закон.

Централен регистар уште додава дека нема сознание за покрената иницијатива пред Уставен суд за оценка на уставноста на основачките акти на Здружението.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons