Македонија

ЦЕНИТЕ НА МЕСНИТЕ ПРЕРАБОТКИ ОД СВИНСКО МОЖЕ ДА СКОКНАТ И ДО 30 ОТСТО – месната индустрија бара да продолжи ослободувањето од царина 

Групацијата на месопреработувачи и месни индустрии преку Стопанската комора на Северна Македонија бара продолжување на мерката за ослободување од царина за замрзнато свинско месо наменето за преработка. Претставници на Групацијата денеска јавно побараа средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за да ги образложат барања за продолжување на оваа мерка.

„Во спротивно на краток рок (2 до 3 недели во зависност од тековните залихи) прво
следи нов ценовен шок од 20 до 30 отсто зголемувања на цените на месните преработки од свинско месо, второ намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30 отсто, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети“, изјавија од Стопанската комора.

Од таму истакнаа дека тие не бараат помош, ниту субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Според нив, месната индустрија во изминатите четири години докажа дека не го нарушува и воопшто не го намали развојот на домашното фармерско производство, додека се применува мерката.

„Домашното производство расте, што е видливо од податоци од АХВ и платежна Агенција за субвенции во земјоделство, го намали увозот на готови производи и започна со извоз, го зголеми обемот на работење, бројот на вработени и висината на личните доходи во гранката“, велат од СКСМ и посочија дека овие мерки не направија позначајни фискални импликации кон државата.

Меѓу другото од Комората истакнаа дека годишно преку редовна уплата на придонесите од вработување се придонесува директно со повеќе од 4,5 милиони евра во Буџетот.

„Оваа Индустрија со важечките царински давачки е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред се оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0 отсто царина, а ние, домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаме царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан“, велат од Стопанската комора.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons