Целосно ќе се реконструира Железничката станица во Скопје
Почнува проектирање за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје, за ремонт на пругата Зелениково- Велес, како и за санација на неколку свлечишта на мостот на Црна Река што се урна делумно во 2022 година. Активостите ќе ги спроведе Македонски железници инфраструктура во соработка со Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет, најави денеска на прес конференција директорот, Синиша Ивановски.
Синиша Ивановски, директор на МЖИ Инфраструктура денеска изјави дека реконструкцијата на Железничката станица, за којашто се очекува најмалку една година да се изработува проект по што ќе следуваат обезбедување финансии и градежни работи, треба да заврши за пет-шест години, во исто време со пуштањето на брзата пруга на коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.

„Ако завршиме со проектот за една година потоа финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, но не е исклучена можноста да влезе во стратешката партнерство со Велика Британија со кои ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти. За пет до шест години од денеска во исто време да бидат готови и брзата пруга и кракот до Скопскиот аеродром. Можеби делува апстрактно, но верувајте со сите сили работиме параллено на сите проекти“, рече Ивановски.
Тој најави дека ќе се направи целосна реконструкција со зачувување на основниот изглед, како што е напревно во 1981 година според проектот на Кензо Танге, но со нови современи и модерни елемнети. – Ќе се менуваат инсталациите, греењето, ладењето. Станицата сега изгледа како питстоп на Формула и веќе нема да биде така, ќе има забрана за рекламирање. Ќе има промена на содржини, ќе има аптеки и други комерцијални содржини, но доградби како ќебапчилница и други работи нема да бидат дозволени. Столбовите на градбата сега се рекламно пано за концерти и тоа нема да биде дозволено, рече Ивановски, истакнувајќи дека се што е доградено надвор од првичниот проект ќе биде отстрането.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски посочи дека овој долго задоцнет проект ќе има почеток и оти нивна задача ќе биде на железничкиот Коридор 10 да направат целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата, како санирање и јанење на мостовски конструкции, на свлечишта, потпорни ѕидови.
„Многу е значаен овој почеток бидејќи сакаме да бидеме дел од паневропската мрежа на која припаѓаме. Со овој проект ќе ги обезбедиме условите и стандардите што важат во сите европски земји“, рече Јосифовски, истакнувајќи дека имаат капацитет да одговорат на задачата.
Деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова Поповска истакна дека ќе има многу работа, а прво ќе се прави документирање и анализа на оригиналната документација.
„Ќе има надградба со содржини со коишто објектот ќе стане социјален хаб и отворено плато за културниот и јавниот живот на скопјани. Во таа смисла внимателно ќе ги преиспитаме оригиналните аспекти на дизајнот на Кензо Танге, ќе бидеме многу внимателни софистицирано да ги редизајнираме аспекетите на дизјанот но исто така и да пружиме нешто ново што скпјани долго време го очекуваме. Приклучокот со брзата линија, брзата железница во Европа е извонредна работа, го очекуваме со години им го должиме на генерациите после нас“, рече Поповска.