ЦЕБР: Во наредните пет години Македонија ќе има повисок-среден приход и раст на БДП од 3,6 отсто
Соединетите Американски Држави ((САД) ќе останат најкрупната економија во светот уште најмалку 15 години, се вели во прогнозата на британскиот Центар за економски и деловни истражувања (ЦЕБР). Извештајот ја класифицира Македонија како земја со повисок-среден приход и прогнозира раст на бруто домашниот производ во наредните пет години.
Оптимистичките прогнози за САД економистите ги поврзуваат со очекуваната реализација на владината програма за трошење насочена кон стимулирање на економскиот раст, како и со фактот дека Кина, втора по големина економија во светот, се соочува со сопствени предизвици кои го забавуваат нејзиниот развој.
Според ЦЕБР, Македонија во 2024 година е со проценет БДП во висина од 26,912 американски долари по жител, прилагодено според паритетот на куповната моќ (ППП). Стапката на БДП на земјава се прогнозира од 2025 до 2029 година да порасне во просек до 3.6 отсто на годишно ниво.
„Ова ја класифицира како земја со повисок-среден приход. Економскиот раст во 2023 година, кој изнесуваше еден отсто, се очекува да се забрза на 2,2 отсто во 2024 година, со што економската продукција ќе биде за 5,1 отсто повисока од 2019 година.
Извештајот истакнува дека во 2024 инфлацијата во Македонија се очекува да изнесува 3,3 отсто, додека стапката на невработеност се смета дека останала речиси непроменета, на ниво од 13 отсто, споредено со лани. Стапката на БДП во следните пет години е прогнозирано да порасне во просек до 3,6 отсто на годишно ниво.
Извештајот ги издвојува Египет, Нигерија и Танзанија меѓу земјите со најголем растеж на економијата. Тие покажуваат трансформативен потенцијал за раст поттикнат од достапните ресурси во комбинација со таргетирани политички реформи.
Предвиденото континуирано опаѓање на Хаити и Тунис е одраз на влијанието што го има политичката нестабилност, неадекватната инфраструктура и проблемите со управувањето, кои го гушат развојот, се вели во извештајот.
Украина, која во рангирањето на ЦЕБР е на 58 место меѓу светските економии, се очекува во наредните 15 години значително да ја подобри својата позиција и до 2039 година да стигне до 27 место, според прогнозите на аналитичарите.