Хуманитарна помош првпат влезе во Газа преку преминот Керем Шалом
Граничниот премин Керем Шалом меѓу Израел и Газа е отворен од денеска за првпат од почетокот на војната, со што е овозможено минување на камиони со хуманитарна помош.
Тој граничен премин беше затворен за камиони од 7 октомври, кога Хамас изврши напади врз јужните израелски населби, по што израелската армија започна офанзива во Газа.
До почетокот на декември, Израел ги отфрлаше повиците на ОН и други за отворање на преминот, но согласност даде минатата недела.
– Од денеска камионите на ОН со хуманитарна помош ќе бидат подложени на безбедносна проверка и ќе бидат испратени директно во Газа преку Керем Шалом – соопшти израелската управа КОГАТ одговорна за координација на активностите со палестинските територии.
Објавени се и фотографии од камионите, јави ДПА, повикувајќи се на соопштението на КОГАТ дека со тоа ќе се зголеми дневната помош за Газа.
Досега, ограничени количини хуманитарна помош се испратени од Египет преку преминот Рафа, што не е доволно опремен за проверка на голем број камиони.